Термини

Објаснување на термините користени при прикажување на буџетите:

Буџетски корисници се корисници од прва линија од областа на законодавната, извршната и судската власт, фондовите, корисниците на буџетите на општините и корисниците основани со закон на кои им е доверено вршење на јавни овластувања;

Буџетот на Република Македонија е акт со кој се планираат годишните приходи и другите приливи и одобрени средства и ги вклучува централниот буџет и буџетите на фондовите;

Централен буџет е годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства, а се однесува на буџетските корисници на централната власт и ги вклучува основниот буџет, буџетот на донации, буџетот на заеми и буџетот на самофинансирачки активности;

Буџет на општините е годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства и ги вклучува основниот буџет, буџетот на дотации, буџетот на донации, буџетот на заеми и буџетот на самофинансирачки активности;

Основен буџет е годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства со буџетот за финансирање на основните надлежности на буџетските корисници;

Буџет на донации е годишен план на приходите од донации и одобрените средства кои се користат строго наменски и согласно со договор склучен со донаторот;

Буџет на дотации е годишен план на приходите од дотации и одобрените средства кои се користат за финансирање на надлежностите на општината, за финансирање конкретна намена, надлежност, програми и инвестициони проекти;

Буџет на заеми е годишен план на приливи од заеми и одобрените средства кои се користат за финансирање на надлежност, програми и проекти;

Буџет на самофинансирачки активности е годишен план на приходите од активностите на буџетските корисници, односно единките корисници кои се дополнителни на основните активности дефинирани со закон и на одобрените средства;

Одобрени средства со буџетот претставуваат годишен максимален износ на право на трошење за буџетскиот корисник за утврдената намена;

Преземени обврски се обврски кои произлегуваат од склучени договори, нарачки и други документи кои предизвикуваат обврски за плаќање во некој иден период;

Расходи се сите плаќања (одливи) од буџетите за одобрени намени освен отплатата на главнината на заемите;

Други одливи се плаќањата за отплата на главнина на заеми;

Приходи се даноци и други задолжителни плаќања утврдени со закон, приливи кои произлегуваат од сопственост на средства (камата, дивиденда, закупнина и слично), надоместоци за дадени добра или услуги, подароци, донации, субвенции и трансфери;

Други приливи се приливи од заеми, продажба на капитални средства, издадени државни хартии од вредност и друго;

Донации се неповратни средства добиени од влади на други држави или меѓународни организации, како и од домашни или странски правни или физички лица кои се користат за тековни или капитални расходи, согласно со условите и намените договорени со донаторот;

Дотации се трансфери од Буџетот на Република Македонија до буџетот на општината;

Заеми се повратни средства добиени по основа на задолжување кај домашни и странски заемодавачи, согласно со критериумите, постапките и со условите пропишани со закон;

Задолжување претставува постапка за создавање на финансиски обврски со склучување на договор за заем, издавање на државни хартии од вредност и обврски по активирани државни гаранции;

Буџетска класификација е хиерархиски приказ на шифрите наменети за класифицирање на функциите, организационите единици, активностите и економските трансакции на единствен и конзистентен начин;

Буџетски дефицит е негативна разлика меѓу планираните, односно наплатените приходи и одобрените средства, односно расходи и истиот се финансира со обезбедени средства од други приливи;

Буџетски суфицит е позитивна разлика меѓу планираните, односно наплатените приходи и одобрените средства, односно расходи и се користи за финансирање на негативната разлика помеѓу планираните, реализираните други приливи и други одливи;

Правото за трошење е распределба на дел од одобрените средства со буџетот на буџетскиот корисник и единката корисник, што произлегува од одобрените квартални и месечни финансиски планови;

Програма е збир од поврзани сродни активности и проекти насочени кон остварување на заедничка цел или цели;

Потпрограма е активност или проект кој е составен дел на програмата;

План на програми за развој претставува среднорочен приказ на програми кои се наменети за развојни инвестиции; 

Ликвидност е избалансираност на движењата на приливите и одливите на буџетите.

Национално кофинансирање се одобрени средства на буџетските корисници со основниот буџет и буџетот на самофинансирачки активности за одделни проекти финансирани од заеми и донации.